Рунтевски: Македонското јагне ќе заврши на странските пазари
Досега се извезени околу 140 илјади јагниња што е некаде на ниво од минатата година, а цената стартуваше со 140 денари по килограм и таа се зголемува...

Јагнешко месо за Велигден ќе има доволно. Извозот и годинава ќе биде како лани, додека цената постепено се зголемува. Досега се извезени околу 140 илјади јагниња што е некаде на ниво од минатата година, а цената стартуваше со 140 денари по килограм и таа се зголемува.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски денеска ја посети кланицата „Серта Компани“ во Кавадарци за да види на лице место како се одвива годинашниот откуп и извозот на јагнешко место.
„Според последните бројки кои ги имаме ние како Агенција до овој период количините на извезено јагне се приближно како и минатогодишните така да веруваме дека и оваа година целокупното јагне кое е произведено во државата ќе заврши на странските пазари. Досега се извезени околу 140 илјади јагниња што е некаде на нивото од минатата година. Во делот на откупната цена се започна со една малку пониска цена од 140 денари, но како наближува велигденскиот извоз цената на терен малку се зголемува така што се надеваме дека и сточарите годинава ќе бидат задоволни“, рече Рунтевски.
Тој нагласи дека квалитетот на македонското јагне е извонреден и затоа е толку барано како извозен продукт. Најмногу од јагнето завршува на италијанскиот пазар кој важи за доста пребирлив пазар, а најголеми купувачи на македонското јагне се Грција, Хрватска и Србија.
