Украина

Зеленски: Мариупол никогаш нема да падне, тој е веќе уништен

06.05.2022 19:38

Офанзива на руските сили во Мариупол. Постојани експлозии во челичарницата, но припадниците на батаљонот Азов не се предаваат. Путин нуди хуманитарни коридори во Украина, Зеленски обвинува за уништени болници и училишта...

Нов меѓународен напор за спасување на цивилите од тунелите под централата на челичарницата во Мариупол.

Руските напади врз Азовстал не престануваат. Последниот џеб на украинскиот отпор во јужниот пристаништен град останува затворен во фабриката заедно со неброени цивили.

Зеленски обвини дека односот на руската војска е „нечовечки“ и „ѕверски“. На сите меѓународни организации, вклучително и на украинските, им е забрането да влегуваат во областа за да обезбедат вода, храна и други залихи.

Ова е мачење до смрт, тероризам и омраза. Мариупол никогаш нема да падне бидејќи е веќе уништен од тековната руска опсада, изјави украинскиот претседател во онлајн-обраќањето во лондонскиот Чатам хаус.

„Смртта не е предизвикана од војна. Ова не е воен настан. Ова е мачење до смрт. Ова е тероризам и омраза. Мариупол никогаш нема да падне. Не зборувам за херојство или за војската што ја имаме, туку, таму нема што да се распадне. Веќе нема место, нема структура, целосно е уништен“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

„Не се сеќавам кој ден од војната е, а луѓето умираат, некои од куршуми, од глад. Ранетите умираат од недостиг на лекови и ужасни услови. Немаме време и не знам дали ќе го дочекаме утрото“, вели лекар од Азовстал.

Зеленски не верува оти Русија ќе биде кривично гонета за воените злосторства поради „нуклеарна уцена“. Но, западот со поддршка, Русија мора да ја плати цената, изјави литванскиот претседател Науседа.

„Мораме да ги зголемиме нашите напори за проширување на меѓународниот притисок врз Русија, нема шанси ужасните воени злосторства извршени од руската армија да останат неказнети“, изјави Гитанас Науседа – претседател на Литванија.

Москва тврди дека Русија нема намера да користи нуклеарно оружје во Украина, но дека е подготвена на провокации од западот и од Киев.

„Русија е свесна за реалните ризици и закани што ги носи неодговорното однесување во оваа област. Сценаријата за нашата потенцијална употреба на нуклеарно оружје се јасно пропишани во руските доктрини. Тие не се однесуваат на задачите на специјалната воена операција во Украина“, изјави Алексеј Зајцев – заменик портпаролот на МНР на Русија.

Портпаролот на Кремљ, Песков ја предупреди Варшава да внимава на острата реторика и дополни дека и интегритетот на Украина е загрозен од постапките на Полска.

Бојана Крстевски