Најважната сообраќајна артерија во Тетово повеќе од една деценија чека пробивање
Најважната сообраќајна артерија во Тетово, булеварот „Благоја Тоска“ повеќе од една деценија чека пробивање. Изградена е само првата фаза. За втората, уште пред локалните избори имаше најави дека ќе се заврши, но на терен нема никакви градежни активности…

Граѓаните се жалат дека општината работи само на хартија, а сообраќајниот хаос наместо да се растовари со проекти кои чекаат реализација и по десет години, се повеќе се влошува.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вели дека градежните активности запреле, оти не била целосно завршена процедурата со експропријацијата на земјиштето, каде треба да поминува булеварот.
Сега имотно – правните односи се решени, а работите на терен ќе започнат од наредната недела.
Булеварот според градските власти требаше да се пробие лани, од мостот до текстилното училиште, со пари од владата во вредност од 29 милиони денари, што е втора фаза од изградбата на оваа делница. За третата и последна сè уште нема никакви најави, ниту идејни проекти.
Инаку во Тетово има четири булевари, но не се сите целосно пробиени.
Обиколница за градот нема, па целиот транзитен сообраќај се одвива низ тесните улици, каде се создава голем сообраќаен метеж.
Зоран Димовски
