Велес го надмина проблемот со високите сметки за уличното осветлување
Надлежноста за користење на јавното осветлување во Велес е префрлена на ЈП Парк, спорт и паркинзи, оти таму се плаќа пониска цена. Така локалната власт го надмина проблемот со високите сметки за струја кои достигнаа до осум милиони месечно…

Општина Велес најде начин како да го надмине проблемот со високата цена на електричната енергија за уличното осветлување. Со цел да се намалат трошоците кои изминатата половина година драстично се покачија, локалната власт одлучи градското осветлување да го префрли на ЈП Парк, спорт и паркинзи. Советот оваа одлука ја прифати.
Според законските можности, сите фирми кои имаат под 2 милиони евра приход и до 50 вработени, можат да одат да набавуваат електрична енергија на регулираниот пазар. Таму државата дала можност, цените да ги определува Државната комисија за енергетика и тие во пракса се под тие на берзите. Додека на слободниот пазар, каде што електрична енергија набавуваат повеќето потрошувачи, цените се определени според берзанските.
За изминатите шест месеци Општина Велс платила 25 милиони денари повеќе од планираните за улично осветлување. Ваква одлука донесе и Општина Чашка, за пренесување на надлежност за одржување на јавно осветлување, во нивниот случај на ЈПКД „Тополка“.
Петар Печков
