„Народен непријател“ премиерно на сцената на МНТ
На 9-ти мај на сцената на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена претставата „Народен непријател“ од авторот Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ. Претстава која е финален продукт од проектот „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан…

На 9-ти мај на сцената на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена претставата „Народен непријател“ од авторот Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.
Претставата се занимава со улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој има право.
Актерот Петар Арсовски вели дека ѝ се радува на оваа претстава. Очекува да биде гледана и разбрана, бидејќи е актуелна. Кореспондира со кризата со која нашето општество и денес се соочува, исто како пред 120 години кога е пишувана.
Претставата „Народен непријател“ се подготвува две години, вели актерот Благој Веселинов кој ја толкува улогата на градоначалникот Петар Стокман.
„Народен непријател“ е една од најизведуваните драми од овој автор кој се смета за татко на модерната драма. Има над 1.800 премиери на различни сцени низ светот.
На големата сцена на Македонскиот театар драмата на авторот Хенрик Ибзен ќе ја оживеат актерите Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петар Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.
Александра Спировска
