Обвинение за тројца доктори од Струга

На 28 години сум половина човек, вели Веапоска чекајќи ја правдата

07.05.2022 13:32

Тројца доктори од Струга се обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето. На несоодветен начин ја лекувале родилката Веапоска од Дебар, ѝ го загрозиле животот, ѝ отстраниле неколку органи. На 28 години сум половина човек, а одбрав да станам медицинска сестра за да спасувам животи-вели таа чекајќи ја правдата и вистината од судот …

Тројца лекари од Струга се обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето. Јилдиз Веапоска, од судот ќе ја чека правдата и вистината, откако при породувањето пред две години во струшката болница, остана без матката, јајникот, бубрегот. Вели – сега на 28 години сум половина човек, не можам да живеам без туѓа помош, а одбрав да станам медицинска сестра во Итната медицинска помош за да спасувам животи. Иронија на животот и судбината.

Веапоска вели-нејзината животна приказна ја потврдиле лекарите од Судска медицина, со својот извештај, во кој откриле што се случило. Еден од тројцата обвинети лекари е доктор Мухамед Асани, поранешен директор на струшката болница.

Обвинителството информира дека тројцата лекари примениле несоодветно средство и начин на лекување, со што го загрозиле животот на пациентката и ѝ ја влошиле здравствена состојба. Оттаму наведуваат дека првообвинетиот донел одлука, породувањето да се изврши со царски рез. Му асистирал второобвинетиот, но, при изведувањето на царскиот рез ја оштетиле левата бубрежна артерија, дале терапија по која Веапоска изгубила многу крв и паднала во шок.

Првообвинетиот со асистенција на третообвинетата направиле нова операција за да го спречат крвавењето, ги отстраниле матката и левиот јајник, иако како што велат од Обвинителството, на овие органи немало никакви промени или повреди.

Потоа следувала нова операција за да запре крварењето од оштетената бубрежна артерија, па на Веапоска ѝ го отстраниле левиот бубрег и ја пратиле на комплексот клиники во Скопје.

Наташа Јанчиќ Менковски