Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интервенција во Уставот
ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интервенција во Уставот зашто нема гаранции дека со тоа ќе се затворат отворените прашања и ќе нема нови барања од Бугарија, најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Според него, во вакви услови одржувањето на првата меѓувладина конференција без почеток на преговорите ќе биде обичен настан без суштина. Тој ја повика Европа, како што се обедини за Украина, така да се обедини и околу тоа што Бугарија ѝ го прави на земјава…

Ги охрабрувам лидерите на земјите членки на Европската Унија исто како што се обединети околу кршењето на меѓународното право во Украина да се обединат и околу кршењето на меѓународното право кога станува збор за Македонија. Право коешто се крши и оспорува од страна на една земја членка на ЕУ поради нивните хегемонистички барања. Ова при денешната посета на Охрид го изјави Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Кога Европа се обединува околу тоа што се случува во Украина, очекувам истата таа Европа да се обедини околу тоа што Бугарија и го прави на Македонија и конечно во јуни да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Ако тоа зависи од Османи или Ковачевски бидете сигурни дека нема да се случи“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Османи продолжува да не ја говори вистината и да го манипулира народот бидејќи тоа што го слушаме од Софија е дека сигурно ќе нема преговори, рече Мицкоски.
„Единствено нешто што може да се случи е да се случи таа прва меѓувладина конференција. За јавноста што е прва меѓувладина конференција? Тоа е фолклор, настан без суштина, ќе се исликаат членовите на Европската комисија и на македонската влада и тука завршува се. Нема да започнат преговорите додека целокупната преговарачка рамка не ја испочитуваме“, вели Мицкоски.
Во рамката се вклучени барањата на Бугарија, рече Мицкоски, вклучително и промени на Уставот а ВМРО-ДПМНЕ нема да ги подржи без гаранција дека со тоа се затвораат отворените прашања меѓу двете држави.
Сашо Нелоски
