Нова фабрика во индустриската зона во Куманово
Компанија од Лариса, Грција ќе гради фабрика во кумановската индустриска зона. Ќе се произведуваат бекатонски производи. Општина Куманово издаде дополнителни две парцели на двајца домашни инвеститори, за градба на хотел и логистички центар.

Фирма од Грција доби дозвола за градежна парцела во индустриската зона Новине и Речица во Куманово. Компанијата од Лариса планира да произведува бетонски производи, конструкции за градба на куќи, хали, мостови, елементи во делот на железничкиот сообраќај. Градоначалникот на Куманово очекува отворање на најмалку 80 работни места.
„Парцелата од над 10 илјади метри квадратни ја продадовме на оваа компанија којашто учествуваше на аукција по цена по некаде повеќе од 15 евра по метар квадратен што во минатото исти такви парцели се продаваа едно евро по метар квадратен. Веќе издадовме градежна дозвола на компанијата, инвеститорот веќе презема градежни опфати, одобрена му е дозволата за градба на објектот“, изјави Максим Димитривски, градоначалник на Куманово.
Општина Куманово издаде дополнителни две парцели на двајца домашни инвеститори, за изградба на хотел и логистички центар.
„Ги има истите услови во период од 10 години комплетно да ја заврши инвестицијата. Во спротивно по примерот на останатите коишто купија локации таму, а не изградија денеска имаат пенали од по два-три и повеќе милиони денари“, дополни тој.
Индустриската зона Новине и Речица се наоѓа на автопатот Е 75, кон границата со Република Србија. Се простира на површина од 65 хектари градежно земјиште, со намена Г2 (лесна и незагадувачка индустрија) и намена Б (големи трговски единици-шопинг молови и хотели). Засега функционираат неколку компании.
Елена Георгиевска
