Македонија

На антички локалитет во близина на Прилеп откриена Римска бања

08.05.2022 09:59

Големи археолошки тајни крие античкиот локалитет Долиште кај Прилеп. По сребрени монети, некропола, стопански објект, најновото откритие е врзано со Римска бања. Археолозите се надеваат дека тука можеби се крие големиот антички град Пелагонија…

Римска бања од третиот и четвртиот век открија археолозите на локалитетот Долиште кај Прилеп. Градбата е голема, 11 на 9 метри и најверојатно е јавната бања на античкиот град на кој сè уште не му го откриле името. Откритието се смета за ексклузивно зашто засега е единствено сведоштво на таков објект. Имало откриено уште една пред 60-тина години, но е на дното од прилепската акумулација.

Досега се откриваат делови од голем антички град кој егзистирал речиси илјада години – од 6 и 5 век, пред па до 4 и 5 век од нашата ера. Откриени се некрополи и стопанска градба, а сега надежта е да им се оствари сонот за легендарниот антички град Пелагонија.

Локалитетот за првпат е откриен пред 70-тина години кога жител нашол преку 200 сребрени монети на македонски и пејонски кралеви.

Елизабета Митреска