Економија

ВМРО-ДПМНЕ: Владата не успева да се справи со кризата

08.05.2022 14:44

Владата нема капацитет да се справи со кризи, цените растат, стандардот не е заштитен – мерките не покажаа резултат, прашање е како државата ќе го враќа долгот што се акумулира-ова се оценките од трибината на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Наместо ЕУ Влада, Влада на должничко ропство“.

Инфлацијата не е увезена, Владата не успева да се справи со кризата, цените на храната и понатаму растат, а стандардот на граѓаните не е заштитен изјави професорот Трајко Славески на трибината „Наместо ЕУ Влада, Влада на должничко ропство“. Во однос на владините мерки, Славески посочи дека истите не покажале резултати. Тој го посочи последниот извештај на Светската банка каде за земјава се вели дека инфлацијата се забрзува, од една страна заради растот на цените на храната и енергијата, но и поради притисокот на двоцифрениот пораст на минималната плата.

Она што сега го гледаме е дека оваа Влада нема капацитет да се справи со кризи и затоа ние граѓаните ги чувствуваме последиците, беше кажано на трибината. Прашање е како државата ќе го враќа долгот кој за само неколку години го акумулираше и нè презадолжи во време на кризи. Доделени се 15 милиони евра за помош на државните институции, но нема никаков критериум како се прераспределени и која државна институција колку пари добила – рекоа говорниците.

Потребни се политики кои ќе донесат промени и иднина. Со СДСМ на власт кризите во Македонија брзо доаѓаат, траат многу долго, но бавно се надминуваат, посочија учесниците на трибината. Рекоа дека како последица на катастрофалните политики на Владата, неопходно е да се одржат предвремени парламентарни избори.

Миле Ристески