Падна Барса!
Атлетико Мадрид и Баерн им се приклучија на Челзи и на Реал во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите на УЕФА. Првпат по шест години Барселона нема да биде во друштво на најдобрите четири, а Манчестер јунајтед не можеше да приреди изненадување во Минхен иако прв дојде во водство.

Атлетико – Барселона 1-0, за вкупни 2-1 за мадридскиот тим и Баерн – Манчестер јунајтед 3-1 во вечерашните реванши од четврфиналето.
На „Висенте Калдерон“, Атлетико одигра извонредно против Барселона. Четирикратниот првак почна лошо, прими гол уште во 5-тата минута преку Коке, а можеше да биде и 2-0 или 3-0 со оглед дека Вилја двапати ја погоди пречката. Каталонскиот гигант е можеше да се снајде на силниот притисок на топка што го демонстрираа противничките фудбалери кои сосема заслужено обезбедија прво полуфинале во европските купови по 1974-та.
Во Минхен, Евра постигна прекрасен гол во 57-та минута за предност на премиерлигашот, којшто во тој момент дојде до предност од 2-1 во меѓусебниот двомеч со европскиот шампион. Но баварците вратија веднаш со Манџукиќ, а потоа преку Милер и Робен ја добија пресметката со англискиот претставник со вкупни 4-2.
Ждрепката за полуфиналните двојки е в петок, а термините за првите натпревари се 22-ри и 23-ти април. Реваншите се седум дена подоцна.
