Спасовски: Со координиран пристап бележиме најмал број на жртви
Денеска во Државното средно училиште „Владо Тасевски“ во организација на Секретаријатот на транспортната заедница на Европската комисија, во соработка со Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, во чест на 9 Мај – Денот на Европа, се промовираше кампањата „Подобрување на безбедноста на патните премини на железничката пруга“...

Денеска во Државното средно училиште „Владо Тасевски“ во организација на Секретаријатот на транспортната заедница на Европската комисија, во соработка со Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, во чест на 9 Мај – Денот на Европа, се промовираше кампањата „Подобрување на безбедноста на патните премини на железничката пруга“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање потенцираше Министерството за внатрешни работи, но и државата, во изминативе неколку години успеа да воспостави широк општествен консензус во однос на сообраќајната безбедност, поаѓајќи од темелниот став деклариран и како политички и како економски приоритет – дека безбедноста во сообраќајот е проблематика од примарен јавен интерес.
„Можам да потенцирам дека ефектите од таквиот сеопфатен пристап веќе даваат позитивни резултати како во делот на подигањето на јавната свест, едукацијата, сообраќајната култура, така и преку статистичките показатели во поглед на намалувањето на жртвите и штетите во сообраќајот. Тука, се разбира, не ја исклучувам ни безбедноста во железничкиот сообраќај, кој има и огромно економско значење“, потенцираше министерот Спасовски, осврнувајќи се на интензивираните ангажмани во разните области на сообраќајната безбедност од страна на Министерство за внатрешни работи, но и другите надлежни институции во оваа област.
Спасовски истакна дека во контекст на претстојната кампања „Подобрување на безбедноста на патните премини на железничката пруга“, независно што во изминативе две години државата бележи објективно најмал процент на несреќи – во текот на 2021 имало две жртви, а во 2020 година една жртва во сообраќајна несреќа на железнички премин – МВР и другите надлежни институции се целосно подготвени за посилен заеднички и координиран пристап во насока на целосно анулирање на сообраќајните несреќи на железничките премини.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, исто така, потенцираше дека човековиот живот нема цена, при што едукацијата за подигнување на свеста за безбеден сообраќај е тема на која контиунирано се работи за да се подигне нивото меѓу сите целни групи во сообраќајот.
