Македонија

Седум години од случувањата во „Диво Насеље“

09.05.2022 12:59

Со панихида во Соборниот Храм „Свети Никола“ во Куманово им се одаде почит на осумте припадници на полицијата, кои загинаа во вооружената престрелка на 9-ти мај во 2015-та година во Диво Насеље. Во Куманово денес ништо не потсетува на настаните од пред седум години. Домовите се обновени, но сеќавањата останати. Општината покрена иницијатива за изградба на спомен обележје за загинатите припадници, која наскоро треба да се најде на дневен ред на Советот...

Седум години од вооружената престрелка во „Диво Насеље“, кога за два дена, загинаа осум припадници на македонската полиција, а 37 беа повредени. Куманово сè уште се сеќава на утрото од 9-ти мај 2015-та година, кога во градот се слушаа пукотници, звуците на сирените на итната помош и полициските хеликоптери. Традиционално во Соборниот Храм „Свети Никола“ се одржа панихида, која ја организира Здружението на бранители.

„Тие својот живот го дадоа за Куманово за Република Македонија. Можеби имаа сосема малку од животот, но дадоа премногу за Македонија. Сакам сите кумановци и Македонци да ги чествуваат овие борци кои животот го дадоа за Македонија“-истакна Иван Цветковски, член на Здружение на бранители Куманово и поранешен припадник на единица Волци.

Во Куманово денес ништо не потсетува на настаните од пред седум години. Домовите се обновени, но сеќавањата останати. Кумановци за македонската телевизија велат соживотот функционира, живееме мирно, без поделби.

„Јас се сеќавам сигурно и сите други, живееме добро, јас сум во таа населба, нема никакви проблеми, сите сме исти“-истакна еден кумановец.

„Досега добро е нема проблеми“-вели друг повозрасен граѓанин.

„Беше страшно тоа утро кога се слушна пукање не знаевме што е работата. И потоа кога се слушна, да не се повтори повеќе. Нема поделби меѓу луѓето, засега е добро“-дополнува кумановка.

Општинските власти информираа дека е во тек постапка за изградба на спомен обележје на загинатите припадници на македонската полиција. Оваа иницијатива треба да се најде на дневен ред на Советот.

Во престрелките во 2015-та животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно беа одликувани со медал за храброст. Загинаа и 10 лица во вооружената група.

Елена Георгиевска