Македонија

Медицинските сестри бараат повисоки плати и нов колективен договор

09.05.2022 13:26

Медицинските сестри бараат закон со кој ќе се решат нивните проблеми, повисоки плати, нов колективен договор. Посочуваат дека од нивната фела не треба да се вработуваат со договор на дело, зашто во здравствените установи имало потреба од овој медицински кадар...

Дел од медицинските сестрите кои со договор на дело, работеа во ковид центрите за 12 илјади денари, завршија на улица, реагираат од Унијата на медицински сестри. Оттаму велат дека таков проблем се јавил во велешката болница, иако добиле ветување дека наскоро ќе бидат отворени работни места.

За време на ковид пандемијата, шест медицински сестри починале како последица на коронавирусот со кој се заразиле додека помагале на пациентите, но и бројката на оние со професионални заболувања не е мала.

Од Унијата сметаат дека со години не се води сметка за обуката на медицинските сестри кои заминуваат во странство. Овдешната основна плата од 19.500 денари, ја оставаат за тамошната од 2.000 евра.Ова се дел од работите што ги мачат сестрите и го нарушуваат нивното достоинство.

Унијата побара унифициран договор за сестрите во примарното здравство, тие да се вклучат во практичната настава во образованието, да се едуцираат професионални кадри. Побарано и зголемување на коефициентите, како и менување на колективните договори.

Унијата на медицинските сестри, акушерки, лаборанти, техничари, брои околу 5.000 члена, затоа се бара и нов закон за решавање на проблемите.

Деновиве се очекува да се оствари средба со министерот Сали.

 

Наташа Јанчиќ Менковски