Македонија

Откриена спомен биста во Брвеница на загинатиот припадник на САЕ „Тигар“, Жарко Кузмановски

09.05.2022 15:09

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска присуствуваа на комеморативен собир во дворот на црквата „Св. Атанасиј“ во Брвеница, а по повод откривање на спомен биста во чест и вечен помен на загинатиот припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Министерството за внатрешни работи, Жарко Кузмановски, кој на 9 мај 2015 година, пред точно 7 години, како лидер на тим, извршувајќи службени задачи, заедно со уште 7 колеги, прерано го загуби својот живот во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво Насеље, а во одбрана на Уставот и суверенитетот на својата држава

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска присуствуваа на комеморативен собир во дворот на црквата „Св. Атанасиј“ во Брвеница, а по повод откривање на спомен биста во чест и вечен помен на загинатиот припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Министерството за внатрешни работи, Жарко Кузмановски, кој на 9 мај 2015 година, пред точно 7 години, како лидер на тим, извршувајќи службени задачи, заедно со уште 7 колеги, прерано го загуби својот живот во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво Насеље, а во одбрана на Уставот и суверенитетот на својата држава, соопштуваат од МВР.

На настанот присуствуваа и членови на семејството на Кузмановски, градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, претставници на Сојузот на воени инвалиди, претставници на Одборот на бранители, како и митрополитот Тетовско-гостиварски г-н Јосиф и претставници од Црковниот одбор на црквата „Св. Атанасиј“.

На комеморативниот собир обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, припадникот на САЕ Тигар – Стефан Соколов, како и портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека Жарко Кузмановски со неговата трагична смрт како наш бранител, припадник на македонската полиција, го заслужи своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои кои оставија вечна трага во историјата на нашава татковина, но и аманет за иднината на генерациите што доаѓаат, бидејќи не постои држава во чии темели не се вградени живоите на нејзините најхрабри синови.

Модераторот на настанот, воедно и припадник на САЕ Тигар, Стефан Соколов, имаше свое обраќање во кое даде краток осврт на животот и делото на Жарко Кузмановски, како колега, пријател, сопруг и татко на две малолетни деца.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, истакна дека 34-годишниот македонски јунак, Жарко Кузмановски, од тетовска Брвеница, борејќи се храбро падна за својата татковина, за мирот и спокојството на семејството, на најблиските.

На спомен обележјето на Жарко Кузмановски свежо цвеќе положија делегација од МВР, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници од МВР, претставници од Одделот за специјални полициски операции, припадници на САЕ „Тигар“, како и градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски.

Жарко Кузмановски со највисоки почести е погребан на гробиштата во Брвеница, а постхумно е одликуван со медал за храброст од претседателот на Република Северна Македонија.