Петровска: Во одбраната и Армијата нема место за политика
Министерката за одбрана на средба со поранешните началници на Генералштабот и со Клубот на генерали. Се бара нивното искуство и знаења за реформите во системот. „Во одбраната и Армијата нема место за политика“, рече Петровска...

Првиот човек на одбраната Петровска побара поранешните и активните генерали да се вклучат во процесот на трансформација на системот за одбрана, кој продолжува и по членството во НАТО, за зајакнување на капацитетите и способностите.
„Се заложив поранешните началници на генералштабот и членовите на клубот на генерали активно да се вклучат во новите студиски програми на Воената академија и се разбира, во сите форми на едукација на командата за обука и доктрини. Заедничката цел е преку широки консултации да продолжиме со процесот на трансформација и по членството во НАТО, а тоа да го направиме посветено и транспарентно. Да ги ангажираме капацитетите на целото општество, затоа што имаме една заедничка цел и заедничката визија за сите нас, а тоа е Република Северна Македонија да биде почитуван и ценет сојузник, столб на регионалната безбедност“, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана.
Армиските генерали потврдија дека се подготвени да придонесат во развојот на стратешките документи.
„Сме спремни понатаму со своето искуство и знаење да асистираме, помогнеме на Министерството за одбрана, на Армијата и на кабинетот на претседателот во сите аспекти од работата. Пред сè тука мислам на анализа на одредени стратешки документи, изработка на стратешки документи, како што е долгорочниот план за развој на вооружените сили 2022-2031“, изјави генерал-мајор Павле Арсовски, претседател на Клубот на генерали.
Во широките консултации за трансформацијата на вооружените сили и по членството во НАТО, се вклучени и академската заедница и граѓанските организации.
Ирина Гелевска
