СДСМ на мини митинг во Штип
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија , ја претстави својата изборна програма и кандидатите за пратеници за Изборната единица 3 пред жителите од штипската населба Сењак ...

Пред штипјани, раководството и кандидатите на СДСМ истакнаа дека за нив на прво место се граѓаните. Според нив, само економски ситуиран и безбеден граѓанин, може да биде и патриот и да ја чува и брани државата.
Затоа најголемиот дел од изборната програма на СДСМ се однесува на прашања поврзани со подобрување на економската состојба на народот , рече носителот на листа за изборната единица 3, Марјанчо Николов .Тој истакна дека доколку на овие избори победи опцијата која ја застапува, нивна главна заложба ќе биде реализирање на 10-тина клучни мерки кои на граѓаните директно ќе им го подобреле животот.
Станува збор за враќање на 15 отсто од Данокот на додадена вредност, што на годишно ниво за граѓаните би значел приход од 6-8.000 денари, наспроти најавите на ВМРО ДПМНЕ за намалување на ДДВ кое според нив немало да донесе намалување на цените, туку екстра профит за трговците,рече Николов.
Тој најави „вистински“ закон за стечајците ,што значи паричен надомест за сите стечајци со 15 години стаж и 50 години старост за жени, односно 53 за мажи.
Во делот на работничките права, СДСМ ќе се залагал за исплата на минимална плата од 10.000 денари за работниците во текстилната индустрија и тоа веднаш, а не одложено до 2018 година, како што е сегашното законско решение; Враќање на можноста за прогласување на технолошкиот вишок 5 години пред пензија и заминување во пензија и по основ на стаж и тоа 35 години за жени и 40 години за мажи.
Наместо отпишување на длговите, СДСМ понуди целосно ослободување од радиодифузна такса за социјално загрозените семејства и воведување на државна социјална пензија за сите оние лица кои наполниле 64 години старост, но немаат 15 години работен стаж.
За реализација на овие мерки и за задржување на младите во државата, Николов побара поддршка од штипјани на денот на изборите, зашто досега актуалната власт ги изневерила сите очекувања на луѓето од овој Регион:
„Да им докажеме дека ИЕ 3 не е бастионот на ВМРО, туку место каде победува СДСМ. Најлошите резултати од владеењето на ВМРО ДПМНЕ се во ИЕ 3. Овде народот е најсиромашен, луѓето се иселуваат без да имаат намера да се вратат, а власта вели дека се живеело убаво“, рече Марјанчо Николов, носител на листа на ИЕ 3
Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев на 27 април нема да одлучува за СДСМ или за ВМРО ДПМНЕ, туку за опстанокот на Маедонија. Оние што ја создавале државата и се радувале на нејзината самостојност сега,според него , гледале како таа пред очи им пропаѓа. За овие 8 години од државата тврди Заев биле изнесени 3,5 милијарди евра, граѓаните се сиромашни, фирмите уништени , а државата живее на кредит:
„448.000 се иселени, во медиумите владее африкански простор, се затвораат фабрики, се пишуваат казни, се пеат печалбарски песни. Гревовоите на оние кои се одговорни не може да им се простат“, рече Зоран Заев, претседател на СДСМ
Од Штип, Заев директно му се обрати и на лидерот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски повикувајќи го на директно соочување на ТВ дуел:
Ова мало човече стои исправено пред цела земја. прифати дуел на кој ќе разговараме за економија, да споредиме средна класа со панамска Македонија, да научи некоја лекција по економија економистот со прво вработување министер за трговија, да му покажам што значи кеш во фамилијата негова и што значат сиве овие офшорт компании кои ни ја ограбија државата. Директно да поразговараме очи во очи да ме прашаш се што ти тежи, ама и јас да те прашам директно. И така ги губите изборите, сочувајте ја честа. излези на дуел, прифати демократија , заедно да дебатираме да споредиме факти па да видиме кој е кој“,Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Од митингот во Штип, Заев и СДСМ побараа поддршка и за својот претседателски кандидат Стево Пендаровски, претставувајќи го како човек кој ќе биде претседател на сите граѓани на Македонија.
Оливера Жежова
