Шаленберг: Решението со Бугарија е близу, ЕУ да покаже геополитичка сила и да ги почне преговорите
Шаленберг, кој претходно беше во Софија, вели дека има напредок и затоа изрази охрабрување дека се приближуваме кон решавање на проблемот...

Преговорите на Европската Унија со Скопје и Тирана да почнат што е можно поскоро – повика шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг по средбата со македонскиот колега Османи. Шаленберг, кој претходно беше во Софија, вели дека има напредок и затоа изрази охрабрување дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Тој се надева дека до решение може да се дојде пред почетокот на летово.
Од нас веќе побараа да го промениме македонскиот устав за членство во НАТО, а сега повторно се бара да се менува за почеток на преговори со Европската Унија, иако тоа не е гаранција за процесот – посочи шефот на македонската дипломатија Османи. Вели – немаме ништо против бугарите да влезат во уставот и спремни сме да им ги гарантираме сите права, но им укажавме и дека нивните права треба да ги бараат од државата во која живеат, а не од друга – рече Османи. За пораката дека е ова можеби последната шанса за односите со Бугарија, Османи рече таа не е уцена, туку е одраз на реалноста.
Шаленберг имаше средба и со претседателот Пендаровски, на која, шефот на државата посочил дека е неопходно институциите на Унијата да делуваат брзо во однос на проширувањето и оти е неодложно отпочнување на пристапните преговори со земјава со одржување на првата Меѓувладина конференција.
Марија Котовска
