Грковска во посета на Естонија

Средба Грковска – Реитман

10.05.2022 13:17

Вицепремиерката Грковска, во рамки на Проектот за унапредување на дигитализацијата на Република Северна Македонија, а во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на Соединетите Американски држави е во тридневна посета на естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество...

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска оствари средба со директорот на естонскиот Центар за регистри и информациски системи Риво Реитман, со кој разменија информации за процесот на дигитализација на општеството, но и за интероперабилноста на податоци.

Вицепремиерката Грковска, во рамки на Проектот за унапредување на дигитализацијата на Република Северна Македонија, а во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на Соединетите Американски држави е во тридневна посета на естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество.

Директорот Реитман нагласи дека меѓуинституционалната размена на податоците и воведувањето на електронска лична карта се клучните чекори во процесот на дигитализација, по што процесите потоа само треба да се надградуваат.
Вицепремиерката Грковска информираше дека во Република Северна Македонија веќе е почнат процесот на интероперабилност, а се работи и на воведување на електронска лична карта и токму затоа естонското искуство за нас е многу важно.

Таа информираше дека е клучно поврзувањето на државните институции и нивната меѓусебна размена со цел институциите да бидат обврзани за споделување на информациите и податоците кои граѓаните веќе еднаш ги дале на една институција т.е. да се воведе и имплементира принципот само еднаш да се побара еден податок од граѓаните, а потоа останатите институции да вршат размена на тој податок.