Сметководителите бараат повлекување на законот од собраниска процедура
Сметководителите бараат повлекување на законот од собраниска процедура, обвинуваат за злоупотреба на европското знаменце. Велат, наместо поттик на развојот на професијата и вработувањето не затрупува со дополнителни трошоци, ограничувања, контроли и обврски...

„Тој значи грубо конфискување на наши средства за остварување на нечии лични интереси и за финансирање на репресивни тела под контрола на лица именувани од извршната власт. Добитници ќе бидат поединци и бизниси со моќ за лобирање а губитник обичниот сметководител и малите сметководствени фирми“, рече Сашо Цветановски, овластен сметководител и граѓански активист.
Комората ги повикува претставниците од Меѓународната заедница во земјава и канцеларијата на ЕУ да реагираат и да ја преиспитаат како што велат ваквата злоупотреба.
„Овој закон по скратена процедура е воведување на ново тело за контрола на Институтот на сметководители и овластени сметководители наречено Совет за унапредување и развој на сметководството. Она што е целосно небулоза кај овој Совет е неговата таканаречена независност а всушност во самиот закон е директно наведено дека за својата работа ова тело одговара пред Владата а во него членуваат претставници од Министерството за финансии“, рече Александра Андреева, од Комора на сметководители на Македонија.
Комората на сметководители учествувала во целиот процес во креирање на законот а испратиле и свој предлог на закон и иако првично им било кажано дека е сè во ред и се прифаќа оваа добиена верзија е сосема различна. Истакнаа дека доколку не се повлече законот ќе пристапат кон бојкот на работата на институтот и неспроведување на неправичниот како што велат закон.
Ана Ј. Тодоровска
