Истражување: Булинг и дискриминација во училиштата, но не се пријавуваат
Една третина од средношколците во Скопје биле жртви на некој вид на врсничко насилство, а булингот најмногу се случува во основните училишта, покажува истражувањето на институтот за човекови права. Според анализата, најзастапени форми се дискриминацијата, говорот на омраза, а се повеќе и сајбер насилството. Психолозите советуваат да се работи со учениците да го препознаат вербалното и психичкото насилство и да им се даде јасно до знаење дека тоа е неприфатливо...

Училишниот двор наместо за едукација и игра, место за физички пресметки, за говор на омраза и дискриминација. Лани во Скопје, една третина од средношколците биле жртва на некој вид на врсничко насилство, покажа истражувањето на институтот за човекови права. Претседателката на институтот, Маргарита Цаца – Николовска рече дека резултатите се зачудувачки лоши. Вели, документот ќе го презентира пред надлежните и од нив ќе бара поодговорен пристап.
Иако континуирано се работи на едукацијата, учениците продолжуваат да се пресметаат со тупаници и навреди. Психолозите советуваат, родителите и училиштата уште од најмала возраст треба да ги воспитуваат децата да го препознаат булингот како нешто што е неприфатливо.
Од анкетирани 995 ученици и 255 наставници, мнозинството смета дека насилниците воопшто не се пријавуваат, а жртвите јавно не говорат на оваа тема.
Врсничкото насилство е најмногу застапено во основните училишта.
Викторија Милевска
