Македонија

Владиката Тимотеј: Блиску сме до целта за автокефалност на Македонската православна црква

10.05.2022 14:51

Блиску сме до целта за автокефалност на Македонската православна црква, оцени Синодот по признавањето на Охридската Архиепископија за канонска. Продолжуваат разговорите со Српската православна црква...

Блиску сме до крајната цел – Македонската православна црква да добие автокефален статус – оцени Владиката Тимотеј по вонредната седница на Светиот архијерејски Синод. Сепак додава дека во овој момент, иако Охридска Архиепископија е признаена како канонска црква, сепак не е постигнато конечно решение.

Афтокефалниот статус ќе се бара преку дипломатски дијалог меѓу нашата и српската црква, а кои чекори ќе бидат преземени засега не се открива. Од Синодот велат дека разговорите со СПЦ продолжуваат, без да се прецизира за што точно се разговарало на последната средба во Ниш.

Во седиштето на Архиепископијата дојде и премиерот Ковачевски. На средбата со поглаварот Стефан посочил дека оваа историска одлука е донесена по интензивната комуникација со Вселенската Патријаршија во последните 4 години, во која со свој придонес учествувале и претставници на Владата, информираа од прес службата. На почетокот на мандатот премиерот Ковачевски испрати писмо до Цариградската патријаршија во кое побара МПЦ да биде примена во евхаристичко единство со мајката црква како решение на долгогодишното отворено прашање за статусот на нашата црква.

Анита Д. Велковска