ВМРО-ДПМНЕ почна со активната блокада
Активна блокада за национален спас–пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери со транспаренти пред собраниската говорница. Спикерот Џафери ги потсети на последниот извештај од Европскиот Парламент за законодавниот дом. Од власта побараа да ги вратат платите и дневниците...

Активната блокада на Собранието поради штетните закони на власта. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери со транспаренти пред говорницата. Опозицијата со забелешка и за постојаното доцнење на пленарките. Обвинувате дека блокираме, но всушност вие тоа го правите, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски.
„Вие сте блокадата на државата, вие сте тие кои го кочите работењето на овој парламентарен дом. Активната блокада што ја предлагаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа и затоа повикуваме на избори кои се излез од оваа криза која вие ја продуцирате“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Спикерот Џафери побара пратениците да седат на своите места, потсетувајќи на собранискиот Деловник но и на последниот Извештај од Европскиот Парламент во кој позитивно е оценета работата на законодавниот дом.
Сликата со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспарентите пред собраниската говорница е вистинската слика за единствената опозиција во светот која блокира Собрание во светска економска и енергетска криза, возвратија од СДСМ. Според координаторот Митрески, лицемерна е причината за блокадата на опозициските пратеници. Ако продолжите со блокадата, вратете ги платите и дневниците, побараа власта.
„Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој, не може да е за спас на енергетиката а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Е ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас“, посочи Митрески.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека блокада нема да има за законите во интерес на граѓаните, а ќе дебатира и за ревбалансот на буџетот.
Марина Тонева Стојанова
