Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ се враќа во својот редовен термин
По две години најеминентниот македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ се враќа во својот редовен термин. Ќе се одржи од 3-ти до 11-ти јуни во Прилеп по 56-ти пат. Осум претстави на македонските театри се во официјалната програма. Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерката Бедија Беговска и драмскиот писател Русомир Богдановски…

Осум претстави на македонските театри се во конкуренцијата за најдобра на 56-от македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Фестивалот по две години се враќа во редовниот термин, почетокот на јуни, откако лани се одржа во октомври, а 2020-та пандемска година беше прескокната.
Избрани се „Артуро Уи“ на битолскиот, „Бракот на Марија Браун“ на струмичкиот, „Вишновата градина“ на Турскиот театар, „Декамерон“ на прилепскиот „Јазли“ на албанскиот „Клетвата на Скотје“ на Театар Комедија „Народен непријател“ на МНТ и „Се викам Горан Стефановски“ на драмски театар.
Театарот не престанал да ги истражува најсуштествените димензии на човекот – слободата и достоинството.
Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерката Бедија Беговска, доајен на турскиот театар и драмскиот писател Русомир Богдановски. Допрва ќе се конципира придружната програма.
И покрај речиси преполовените средства од Министерството за култура, единствениот фестивал кој го одразува мигот на македонското театарско творештво ќе понуди квалитетна програма која публиката со нетрпение чека да ја види.
Елизабета Митреска
