Јокиќ вторпат едноподруго МВП, Вилијамс најдобар тренер
Еден од главните аргументи за трофејот е што Јокиќ е прв играч во историјата со над 2.000 постигнати поени, над 1.000 скокови и над 500 асистенции во една сезона.

Екипата на Денвер загуби во првата плеј оф рунда од Г. Стејт, но српскиот центар Никола Јокиќ го доби главното признание, најкорисен играч во лигата. За 27 годишниот центар, според многумина најуниверзалниот во историјата тоа е второ признание, вторпат едноподруго. Тој е 13-от кошаркар во историјата со престижната награда, за која кандидати во финалниот избор беа и Џоел Ембид и Јанис Адетокумбо. Јокиќ имаше импресивни 27.1 поен со прецизност од над 58 % од игра, 13.8 скока и 7.9 асистенции. Еден од главните аргументи за трофејот е што Јокиќ е прв играч во историјата со над 2.000 постигнати поени, над 1.000 скокови и над 500 асистенции во една сезона.
За најдобар тренер е прогласен Монти Вилијамс, кој го водеше Феникс до најдобар ефект во лигата со 64 победи и 18 порази или 78% успешност. Феникс оствари најдолга серија сезонава од 18 победи по ред, а само во ноември имаше 16:0, што е втор најдобар ефект во еден месец во историјата. Наградата која го носи името на легендарниот Ред Оербах, Вилијамс ја доби во конкуренција на Тејлор Џенкинс од Мемфис, кој имаше втор најдобар ефект во лигата и Ерик Сполстра од Мајами, најуспешниот на истокот во лигашкиот дел од сезоната.
