Украина

Рзузнавачите на САД предупредуваат, Путин се подготвува за долга војна во Украина

11.05.2022 09:38

Путин се подготвува за долга војна во Украина, тврдат американски разузнавачи. Војната е бесмислена, мора да престане, изјави генералниот секретар на обединетите нации Гутереш при посетата на украинскиот центар за бегалци во Молдавија. Украина од денеска ќе го запре транзитот на рускиот гас..

Американски разузнавачи предупредуваат дека Владимир Путин се подготвува за долга војна во Украина, и дека и евентуална победа на исток нема да стави крај на конфликтот. Борбите продолжуваат. Погоден конвој од 15 автомобили со цивили во близина на селото Стари Салтив во Харков. Најмалку четворица се загинати.

„Нападнати се со автоматски пиштол, а еден автомобил беше погоден со топ, најверојатно од тенк или борбено возило на пешадија. Имаше загинати луѓе, меѓу нив за жал и деца“, рече „Шпанец“ - командант на украинскиот баталјон.

Украинскиот Генералштаб соопшти дека ги протерале руските сили од четири села североисточно од Харков. Претседателот Зеленски ја пофали натчовечката сила на украинските војници.

„Тие постепено ги туркаат окупаторите од Харков. Благодарен сум на сите наши бранители кои ја држат одбраната и покажаа навистина натчовечка сила да го истераат непријателот“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

Руското Министерство за одбрана тврди дека досега загинале 27 украински командоси на Змискиот остров откако пропаднала операцијата на Киев.

„Руските војници пронајдоа уште три тела на украински диверзанти исфрлени на брегот на Змискиот остров. Во обид да го заземат островот, режимот на Киев загуби три бомбардери и еден ловец. Уништени сè уште десетици хеликоптери во операцијата во регионот Одеса“, информираше Игор Конашенков - портпарол на руското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, повик за помош од „Азовстал“. И покрај извештаите дека сите цивили се евакуирани од челичарницата, украинските власти велат дека околу стотина луѓе сè уште се заробени во фабриката. Потребен е прекин на огнот за да се потврдат информациите - вели градоначалникот на Мариупол.

„Само ако има стабилно спроведување на прекинот на ќе можеме да најдеме одговори на овие прашања. Веруваме дека сè уште има цивили што чекаат да бидат извлечени. За жал, непријателските трупи продолжуваат да напаѓаат што ја усложнува ситуацијата“, Вадим Бојченко - градоначалник на Мариупол.

Американскиот претставнички дом одобри речиси 40 милијарди американски долари помош за Украина што ќе обезбеди значително поголема воена и хуманитарна помош за земјата. Белоруските власти соопштија дека ќе распоредат специјални сили на границата со Украина, бидејќи САД и нивните сојузници продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство на државните граници.

Бојана Крстевски