Охрид

Недостигаат стручни кадри во хотелско-угостителскиот сектор

11.05.2022 11:48

Малкумина професионалци останаа во хотелско-угостителскиот сектор во Охрид. Високообразованите и другите стручни кадри заминуваат во странство или ја менуваат професијата поради ниските плати и неможноста да се усовршат. Тоа за Охрид ова лето но и во иднина ќе биде голем хендикеп, бидејќи гостите во најголемиот македонски туристички центар очекуваат да имаат и врвна услуга..

Уште пред почетокот на пандемијата Охрид се соочуваше со недостиг од стручни кадри во хотелско-угостителскиот сектор. Двете пандемски години придонесоа голем број лица поради затворените објекти и ниските плати да се вработат во индустриските капацитети коишто им понудија сигурни работни места и повисоки примања. Уште поголем интерес предизвикаа понудите од странство, така што сега младите високообразовани кадри и студентите од охридскиот ФТУ, особено преку летото опстанокот го бараат во странство, пред сè во Хрватска и Германија.

„За жал како да се ближи судниот ден во угостителството,особено на охридската ривиера и навистина стравуваме дека оваа сезона, наредните сезони сите ќе се соочиме со тој проблем, ќе нема кој да ги служи, иако како факултет се трудиме максимално, со максимални напори, го инвестираме нашето знаење да произведеме стручни кадри“, рече доцент Д-р Климент Наумов, Факултет за туризам и угостителство Охрид.

На охридскиот факултет годишно дипломираат над 120 студенти. Шесте студиски програми ги покриваат сите сегменти потребни во туристичкиот сектор, а особена грижа се води за студиската програма гастрономија, каде што има најголем недостиг од кадри.

„Можам да кажам дека факултетот произведува врвни стручњаци од таа област. Соработуваме со други универзитети од каде што доаѓаат врвни стручњаци коишто работат со нашите студенти и им се дадени сите можности да одат и на мобилност, меѓутоа и да реализираат практична настава и во државата и во странство за да се усовршат“, рече проф. Д-р Цветко Андреески, декан на Факултетот за туризам и угостителство.

За заминувањата во странство покрај ниските плати причина е и неможноста за усовршување во професијата. Експертите велат дека хотелско-угостителските менаџери немаат интерес да инвестираат во дополнителни обуки на вработените, стравувајќи дека потоа ќе заминат странство.

Сашо Нелоски