Одбрана

Петровска: Северна Македонија е силно посветена на регионот и неговата безбедност

11.05.2022 15:50

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска во Министерството се сретна со членовите на косовската Комисија за одбрана и безбедност кои престојуваат во посета на Северна Македонија...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска во Министерството се сретна со членовите на косовската Комисија за одбрана и безбедност кои престојуваат во посета на Северна Македонија.

На средбата стана збор за посветеноста на двете земји на регионалната безбедност при што министерката Петровска истакна дека таа е од највисок приоритет за Северна Македонија, а доказ за тоа е и учеството на припадниците на Армијата во рамките на мисијата КФОР на Косово.

На средбата беше истакната и одличната билатерална одбранбена соработка помеѓу двете земји, која е пресликана и во новиот Меморандум за соработка кој беше потпишан за време на неодамнешната работна посета на министерката Петровска на Косово.

Како примери за одличната соработка помеѓу двете земји, министерката ги спомена иницијативата за соработка во случај на природни непогоди и катастрофи, како и учеството на двајца набљудувачи од Косово на најголемата воена вежба која е во тек на армискиот полигон „Криволак“, „Swift Response 22“ која вклучува над 4.600 војници од осум сојузнички земји.

Токму во контекст на „Криволак“, министерката Петровска истакна дека станува збор за полигон кој нуди одлични можности за вежбање во реални услови.

Претседателот на Комисијата, Бека Бериша, се заблагодари за средбата и порача дека соработката помеѓу двете земји е одлична и дека Косово е посветено на нејзино продлабочување.