Се калкулира нова цена на струјата, снабдувањето со гас стабилно
Раст на цената на гасот на берзите по затворањето на една од двете клучни линии за дистрибуција на овој енергенс преку Украина кон Европа. Владата уверува дека земјава нема да има прекин во снабдувањето, но по високите цени и до 250 мегавати за час, сега се стравува од поголеми поскапувања на електричната енергија. Се крои новата цена и кај нас, колку ќе се зголеми, компаниите до крај на месецов ќе достават пресметки…

Поскапувањето на цените на гасот на берзите, по затворањето на една од двете клучни украински линии за дистрибуција на овој руски енергенс кон Европа може да ја зголеми цената на струјата. Таа на пазарот во Европа и сега е на високо ниво, околу 230 за мегават час. Дали ќе има нова нагорна корекција за домашните потрошувачи, ќе се знае до крајот на месецов. Енергетските компании сè уште калкулираат, Регулаторната комисија ги чека пресметките. Досега нема пристигнато барање од операторите.
Последната корекција беше направена во декември лани, кога струјата поскапе за 10 проценти. Проблемот дополнително може да се усложни, доколку има проблеми со испораката на природниот гас. Но, Владата тврди дека исклучувањето на гасот за Европа од страна на украинските власти нема да се одрази на снабдувањето на земјава. Велат дека државата ги има неопходните резерви од компаниите, што според регулаторот имаат договори до крајот на годинава со можност за продолжување.
Македонија целокупното количество на природен гас го увезува од Русија преку гасоводниот систем на Бугарија. Податоците говорат дека годишната потрошувачка на природен гас лани достигнала максимум во системот за пренос од почетокот на неговата работа. Енергетската криза трае, ситуацијата со снабдувањето е сериозна и непредвидлива, компаниите за диструбуција во државава според регулаторот имаат договори до крајот на годинава со можност за продолжување.
Сузана Фиданска Стоевска
