Овоштарство

Пари за подигнување нови лозови и овошни насади

12.05.2022 08:56

Почна пријавувањето за субвенции за нови лозови и овошни насади. Поднесувањето на барањата ќе трае од крајот на овој месец, а земјоделците кои инвестирале во ова производство ќе добиваат до 6 милиони денари финансиска поддршка...

До 31-ви мај лозарите и овоштарите ќе можат да аплицираат за финансирање на нови насади како и за насади со ароматични и медоносни растенија подигнати во периодот од 1-ви април 2021 до 31-ви март 2022 година.

Субвенциите се од 50 до 75 проценти во зависност дали се работи за млад земјоделец и дали овоштарникот или медоносните насади се наоѓаат во земјоделски неразвиено подрачје.

Право на овие пари имаат евидентираните земјоделци кои пред поднесување на барањето ги платиле сите обврски кон платежната агенција и министерството за земјоделство.

Аплицирањето е по електронски пат, со доставување на документи кои ги докажуваат направените прифатливи трошоци, а максималната вредност која може да се добие е до 6 милиони денари по корисник.

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу по две барања од целата Програма за рурален развој.

Барателите со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на аплицирањето. Рокот за пријавување истекува на 31-ви мај 2022 година.

Методија Трајков