Украина

Украинската армија не може да ги спаси бранителите од „Азовстал“, офанзивата ќе чини многу жртви

12.05.2022 10:18

Западот бара Москва и Киев да седнат на преговарачка маса. Украина сака замена на руски војници за ранетите бранители на челичарницата „Азовстал“. Сè уште нема договор, преговорите со Русија продолжуваат. Зеленски се заблагодари за американската помош...

Се стега обрачот околу состојбата со гас во Европа. Русија синоќа најави санкции против 31 западна компанија од Европската унија, САД и Сингапур, како одговор на санкциите што и беа наметнати поради воената инвазија на Украина. Повеќето компании припаѓаат на Гаспром Германија, филијала на рускиот гигант.

„Имаме доволно купувачи на нашите енергетски ресурси и ние ќе работиме со нив и ќе оставиме западот да плати многу повеќе отколку што плаќаше на Руската ФедерацијаНека им објаснат на своето население зошто тие треба да станат посиромашни“изјави Сергеј Лавров - министер за надворешни работи на Русија.

Во меѓувреме продолжуваат битките во Украина. Украинското воено раководство ја отфрли можноста да ги спаси своите бранители од челичарницата „Азовстал“ во опколениот Мариупол со офанзива против руските војници бидејќи тоа ќе чини многу животи. Украински командант во Мариупол апелираше до Илон Маск да интервенира лично да се спасат опколените војници и цивили во „Азовстал“. Во фабриката има околу 1.000 ветерани, а половина од нив се ранети. Претходно пак, претседателот Зеленски им се заблагодари на САД за одобрениот пакет помош за Украина од 40 милијарди долари.

„Овие средства ќе бидат искористени брзо и без никаква бирократија за зајакнување на одбраната на УкраинаПред сè за оружје, муниција и опрема за нас, но не е ограничено на тоа. Ова е помош и за истрага за воените злосторства извршени од Русија и руските окупатори и поддршка на дипломатската работа“, изјави Володомир Зеленски – Претседател на Украина.

Вчера од источна Украина волонтери со автобуси евакуираа десетици луѓе од градовите кои беа нападнати од руските сили.

„Застрашувачки е. Нема ништо пострашно од војната. Можете да го надминете гладот, можете да го надминете студенилото, но, многу е тешко да се надмине војната“, рече евакуирана од Сиверск.

И натаму нема оптимизам за спуштање на оружјето. Генералниот секретар на ООН изјави дека војната во Украина нема да трае вечно, но преговорите нема да бидат наскоро.

Маријана Димовска