Битки за полуфиналето, најнеизвесна во Севиља
Од „Винсенте Калдерон“ во Мадрид каде што синоќа се искреше меѓу Атлетико и Барселона, фудбалските возбудувања се селат на шпанскиот југ на „Рамон Санчез Пизхуан“ во Севиља!

Европската фудбалска сцена и вечер ќе е отворена, но со актерите од Лигата на Европа. Од „Винсенте Калдерон“ во Мадрид каде што синоќа се искреше меѓу Атлетико и Барселона, фудбалските возбудувања се селат на шпанскиот југ на „Рамон Санчез Пизхуан“ во Севиља! Ќе играат Севиља и Порто. Различна е само лигата во која играат. Се друго ќе биде слично на случувањата од претходната вечер: полуфиналето како цел, желбата за нов исчекор во Европа, ривалството со децении ковано меѓу екипите од Пиренејските простори. Порто во Андалузија допатува со капиталот од 1:0 заработен пред една седмица на „Драгао“. Навидум скромна предност, но фудбалерите на Севиља најдобро знаат колку ќе биде тешко да се надополни таквиот дефицит кога играат екипи од „високото“ фудбалско друштво.
Состави со приближен квалитет! Иако, двата клуба се постојано во европските купови, ретко им се вкрстувале патиштата. Во 2011 играа во 1/16 финалето од Лигата на Европа. Порто победи во Севиља со 2:1, Севиља на „Драгао“ возврати со 1:0, но „гостинската нијанса“ на Порто беше посилна. На крај и ја освои Лигата на Европа! Тоа беше втор пат да триумфира во ова натпреварување. И тука се изедначени:Севиља има ист учинок со трофеите исковани во 2006 и 2007 година. Оваа сезона двете екипи не блескаат во своите национални шампионати. Оттаму во Лигата на Европа ја гледаат можноста за лична сатисфакција и „отчет“ пред своите навивачи.
Вечер, истовремено ќе се игра уште на три стадиони. Бенфика со предноста од 1:0 во Лисабон го пречекува холандскиот АЗ Алкмар. Јувентус со истата предност здобиена од првиот натпревар влегува во реваншот против францускиот Лион. Валенсија пред себе има речиси невозможна мисија по дебаклот од 0:3 против швајцарскиот Базел.
Македонската телевизија во 21 часот ќе го пренесува натпреварот Севиља-Порто.
