НАТО

Финска ќе аплицира за членство во НАТО

12.05.2022 13:01

Финска ја напушта децениската неутралност. Нордиската земја, која дели долга граница со Русија ќе аплицира за членство во НАТО без одлагање. И Шведска сака да биде дел од воено-политичкиот сојуз...

Финска чекор поблиску до НАТО. Државниот врв инсистира процесот за аплицирање за членство да почне без одложување. Според претседателот Нинисто и премиерката Марин, конечната одлука ќе биде донесена откако ќе биде разгледана од Парламентот. Воено-неутралната Финска ја реформира безбедносната политика поради руско-украинскиот конфликт. Последните анкети покажуваат рекордна поддршка од населението за влез во НАТО. Слична одлука се очекува и од Шведска.

„Непредвидливото однесување на Русија е директен проблем. Русија е подготвена да извршува операции кои се многу ризични и за неа, и тие ќе резултираат со многу жртви и од нејзина страна. Второ, Русија е способна и подготвена да врши притисок врз соседите преку брзо распоредување на силите и позиционирање на над 100 илјади трупи на границата без мобилизација на цивилното население. Трето, се шират гласини за употреба на неконвенционално оружје, како што се нуклеарното и хемиското, иако се забранети со меѓународен договор“изјави Хека Хависто – министер за надворешни работи на Финска.

Москва се закани со санкции, армиско засилување на балтичкиот брег доколку двете земји се откажат од политиката на воена неутралност. Русија граничи со 14 земји, од кои пет се членки на НАТО. Приемот на Финска ќе значи удвојување на должината на копнената граница.

Последниот вооружен судир меѓу двете земји се случи во 1939 година, а НАТО се формираше во 1949 година за одбрана од предокот на современа Русија – Советскиот Сојуз.

Маја С. Филдишев