Путин ја предупреди Украина да не прави неповратни чекори!
Предупредувањето на Путин е одговор на министерот за внатрешни на Украина, Арсен Аваков, кој им даде рок од 48 часа до интервенција на проруските сепаратисти барикадирани во владините згради во Луганск и во Доњецк...

Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Украина да не прави неповратни чекори пред преговорите исток-запад наредната недела. Предупредувањето на Путин е одговор на министерот за внатрешни на Украина, Арсен Аваков, кој им даде рок од 48 часа до интервенција на проруските сепаратисти барикадирани во владините згради во Луганск и во Доњецк.
„Или ќе не нападнат или ќе не убедуваат да се откажеме, но ќе се бориме до крај“, вели жител на Доњецк.
„Русија ќе го брани својот народ, има право на тоа исто како што САД и Европската Унија ги штитат своите граѓани во странство“, вели жителка на Доњецк.
Без големи очекувања, дипломатската иницијатива на САД, Русија, Украина и Европската Унија треба да се одржи наредниот четврток во Виена. Денеска Советот на Европа со нова резолуција ја обвини Москва за кризата во Украина.
„Ова е закана за целиот континент. Затоа е време нашите влади да инвестираат уште повеќе во Европската конвенција за човекови права“, изјави Торбјорн Јагланд, генерален секретар на Советот на Европа.
„10 милиони луѓе, Руси во Украина, бараат федерација. Ако се правиме дека не ги слушаме, зарем тоа не е непочитување на истите права што ги браневте за демонстрантите на Мајданот?“, рече Алексеј Пушков, советник на Путин.
НАТО денеска ги отфрли тврдењата дека планира да натрупа војска на руската граница, но командантот на Алијансата во Европа, генерал Бридлав, најави можност да се распореди војска во источните членки кои се чувствуваат загрозено.
Ивана Салтировска
