Европската комисија повика на конструктивен дијалог во Собранието
Европската комисија ги повикува партиите во законодавниот дом да се однесуваат конструктивно, по стартот на опозициската активна блокада. Унијата повикува сите да работат на реформите...

Европската комисија ги повикува сите партии во Собранието да се однесуваат конструктивно – став на официјален Брисел по стартот на опозициската активна блокада на Законодавниот дом за да издејствува предвремени парламентарни избори. Унијата повика сите сили активно да работат на реформите.
„Ги повикуваме сите политички сили во Парламентот да работат заедно и конструктивно за да ги унапредат реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните“, изјави Ана Писонеро.
Портпаролката на Европската Комисија се осврна и на односите со Бугарија. Писонеро рече будно се следи состојбата, по бурните реакции на јавноста околу формирањето на бугарскиот културен клуб во Битола „Ванчо Михајлов“.
„Следиме што се случува околу формирањето на бугарскиот културен клуб именуван по крајно контроверзна личност, што предизвика силни реакции од граѓаните. И го знаете нашиот став за човечкото достоинство, слободата и демократијата, владеење на правото и човековите права, врз чија основа постои ЕУ. Секако се повикуваме и на важноста на добрососедските односи, и нашата позиција е да ги охрабруваме Бугарија и Северна Македонија да најдат заедничко прифатливо решение за билатералното прашање и да продолжат да работат во насока на формално почнување на пристапните преговори што е можно поскоро“, рече Ана Писонеро.
Во овој момент очите на јавноста се насочени кон претстојниот самит на европските лидери, во надеж дека Бугарија ќе го тргне ветото за одржување на првата меѓувладина конференција. Од страна на македонските власти, укажано дека земјава досега направи сè што од неа беше побарано.
Марина Тонева Стојанова
