Партии

Мицкоски: Потребно е Ковачевски да се вразуми и да седнеме на заедничка маса

12.05.2022 15:14

ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка за една изборна единица и формирање партиски комисии за подготовка на нов изборен законик, вели Мицкоски. Смета дека сега СДСМ тактизира со помалите коалициски партнери кои тоа го бараа...

Не сме непријатели, туку само политички противници, не сме непријатели на Македонија, посочува лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски коментирајќи ги последните случувања на политичката сцена.

Потребно е Ковачевски да се вразуми и да седнеме на заедничка маса бидејќи не постојат други фактори освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои можат да се договорат за иднината на Македонија-смета Мицкоски при тоа посочувајќи дека двете најголеми партии се одговорни за народот. Според него, опозицијата е подготвена веднаш да гласа за измена во Изборниот законик за една изборна единица како што бараа помалите политички партии. Мицкоски тврди-процесот го кочи СДСМ и тактизира.

Помалите политички партии кои се и во владејачката коалиција го покренаа прашањето за една изборна единица со што така би биле во порамноправна положба на изборите. Дури се заканија и дека ќе излезат од коалицијата со СДСМ.

Големите партии прифатија, но до овој момент само декларативно без конкретни чекори. Министерот Тупанчевски најави дека работна група во правда ќе работи на останатите измени во изборниот законик, повикувајќи ги парламентарните партии и невладиниот сектор да номинираат свој претставник. Најави дека законот треба да биде готов 6 месеци пред избори.

Миле Ристески