Се намалува бројот на заболени од грип
10.04.2014 10:54
Вкупниот број на заболени од грип во сезоната 2013-2014 изнесува 28.525 и е поголем за 18 проценти во однос на претходната сезона...

Според последните информации на Институтот за јавно здравје, изминатата недела во Македонија се пријавени 297 новозаболени од грип што е помалку за 56,1 отсто од претходната седмица, а за 62,5 проценти во споредба со истиот период во 2013 година.
Вкупниот број на заболени од грип во сезоната 2013-2014 изнесува 28.525 и е поголем за 18 проценти во однос на претходната сезона. Најмногу заболени се регистрирани во Скопје 4.053 и во Прилеп 3.930. Според возраста, најмногу болни (65,1 процент) се во групата меѓу 15 и 64 години.
Во истиот период не е евидентиран смртен случај поврзан со инфекција со вирусот на грип. Вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.
Институтот за јавно здравје посочува дека пријавувањето на болни од грип е во континуирано опаѓање и очекува тој тренд да продолжи и во наредниот период.
