Русија- Украина

Путин: Западните санкции предизвикуваат глобална криза

12.05.2022 18:15

Западните санкции им нанесуваат штета на економиите и на земјите што ги воведуваат и предизвикуваат глобална криза, смета рускиот претседател Путин. Руските сили ги продолжуваат воздушните напади во Украина...

Руските сили ги продолжуваат воздушните напади врз челичарницата „Азовстал“, соопшти украинската армија. Не стивнува оружјето во Харков, Чернихив и Суми. Според Киев, непријателот е потиснат од Харков, па градот повеќе не е на домет на руската артилерија. Но, продолжуваат бомбардирањата во правец на Запорожје, кој е засолниште за цивилите од Мариупол.

„Единиците на руската армија се прегрупираат во близина на Харков за да го спречат континуираниот напредок на нашите сили кон националната граница на Украина. За таа цел, напаѓачите продолжуваат да ги гранатираат нашите сили со артилерија за да го уништат нашиот персонал, оружје и воена опрема“, вели Олександр Мотузјаник, портпарол на украинското Министерство за одбрана.

„Застрашувачки е. Нема ништо пострашно од војната. Можете да го надминете гладот, можете да го надминете студот, но, многу е тешко да се надмине војната“, вели жител евакуиран од Сиверск.

Западните санкции им нанесуваат штета на економиите и на земјите што ги воведуваат и предизвикуваат глобална криза, смета рускиот претседател Путин.

„Овие санкции во голема мера ја провоцираат глобалната криза. Нивните автори, водени од кусогледите надуени политички амбиции, од русофобијата, имаат поголема веројатност да им наштетат на нивните национални интереси, на сопствените економии и на благосостојбата на своите граѓани“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Претседателот Зеленски се заблагодари на САД за помошта од 40 милијарди долари.

„Овие средства ќе бидат искористени брзо и без никаква бирократија за зајакнување на одбраната на Украина. Пред сè за оружје, муниција и опрема. Ова е помош и за истрага за воените злосторства извршени од Русија и руските окупатори и поддршка на дипломатската работа“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Харков, вториот по големина град во Украина, претрпе силно руско бомбардирање додека Русија се обидуваше да го опколи. Околу 100.000 жители сè уште може да бидат заробени во Мариупол, кој броеше околу 400.000 жители.

Марина Ристова