Финска и Шведска пред портите на НАТО
Инвазијата врз Украина носи тектонски промени во безбедносната структура на стариот континент. Претседателот и премиерката на Финска со заедничка позиција дека земјата мора без одложување да аплицира за членство во НАТО. Сличен чекор се очекува и од Шведска...

Финска чекор поблиску до НАТО. Државниот врв инсистира процесот за аплицирање за членство да почне без одложување. Според претседателот Нинисто и премиерката Марин, конечната одлука ќе биде донесена откако ќе биде разгледана од Парламентот. Воено-неутралната Финска ја реформира безбедносната политика поради руско-украинскиот конфликт.
„Непредвидливото однесување на Русија е директен проблем. Русија е подготвена да извршува операции кои се многу ризични и за неа, и тие ќе резултираат со многу жртви и од нејзина страна. Второ, Русија е способна и подготвена да врши притисок врз соседите преку брзо распоредување на силите и позиционирање на над 100 илјади трупи на границата без мобилизација на цивилното население. Трето, се шират гласини за употреба на неконвенционално оружје, како што се нуклеарното и хемиското, иако се забранети со меѓународен договор“, изјави Хека Хависто, министер за надворешни работи на Финска.
„Филозофијата на Финска беше да се одржуваат добри односи со Русија. Тоа беше дел од безбедносната политика. Но, она што се случи го отежна процесот. Довербата е сериозно нарушена“, нагласува Хели Хаутала, политички аналитичар.
Последните анкети покажуваат рекордна поддршка од населението за влез во НАТО. Слична одлука се очекува и од Шведска.
„Ние сме мала земја. Нема да можеме да се браниме сами. Треба да сме во НАТО.“
„Финска ќе се вклопи. Веќе има добри односи со членките на НАТО.“
Москва се закани со санкции и армиско засилување на балтичкиот брег доколку двете земји се откажат од политиката на военa неутралност.
„Ширењето на НАТО и доближувањето на нивната воена инфраструктура на нашите граници не значат поголема стабилност и безбедност ни за светот ни за европскиот, евроазискиот континент. Сите сакаат да биде избегнат директен судир меѓу Русија и НАТО, вклучувајќи ја и Русија“, вели портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Русија граничи со 14 земји, од кои пет се членки на НАТО. Приемот на Финска ќе значи удвојување на должината на копнената граница.
Маја С. Филдишев
