Воен конфликт

Зеленски подготвен за средба со Путин

13.05.2022 10:07

Украинските власти погодиле уште еден руски логистички брод во Црното Море. Продолжуваат битките околу челичарницата „Азовстал“. Руските војници се обидуваат да го запрат напредувањето на киевските сили долж украинско-руската граница. Зеленски вели дека е подготвен да разговара со Путин, но без ултиматум...

Украинските власти соопштија дека погодиле уште еден руски логистички брод во Црното Море при обид да достави противвоздушен систем на Змијскиот остров. Руските војници се обидуваат да го запрат напредувањето на киевските сили долж украинско-руската граница во североисточниот регион Харков. Продолжуваат и битките околу челичарницата Азовстал во Мариупол. Повеќе од 1.000 украински борци се во фабриката.

„77 дена постојана опсада. Градот е во пламен и нашите сили се блокирани во моментов во фабриката Азовстал без какви било врски со останатите делови на Украина. Во моментов сме целосно отсечени од линиите за снабдување, од каква било помош и каква било поддршка што можеме да ја добиеме“, изјави поручник Илја Самојленко, командант и портпарол на Азовскиот полк.

Синоќа руските сили го погодија регионот Чернихив, вклучително и училишта.

„Поразот на Русите е очигледен за сите во светот, па дури и за оние кои продолжуваат да се дружат со нив. Тие се кукавици и се обидуваат да ја сокријат вистината зад проектилите, воздушни напади и артилериско гранатирање. Затоа, наша задача е да се бориме додека не ги постигнеме нашите цели во оваа војна, да ја ослободиме нашата земја и нашиот народ“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украинскиот претседател вели дека е подготвен да разговара со колегата Путин, но без ултиматуми. Притисокот врз Русија расте, Советот за човекови права на ОН во Женева со големо мнозинство гласаше за отворање на истрага за можни руски злосторства во Украина.

„Се повеќе деца се изложени на ужасите на оваа војна. И токму изминатиот месец, ОН потврдија дека биле убиени речиси 100 деца, а ние веруваме дека реалните бројки ќе бидат значително повисоки. Повеќе деца се повредени и се соочуваат со тешки прекршувања на нивните права. Милиони други се раселени, училиштата и понатаму се напаѓаат и се користат за воени цели“, изјави Омар Абди, извршен директор за програми, УНИЦЕФ.

Од Обединетите нации велат дека војната во Украина принудила 14 милиони Украинци да ги напуштат своите домови, а предизвикано е големо страдање за децата.

Маријана Димовска