Наплив на пациенти во вевчанската болницата
Зголемен бројот на пациенти во здравствениот дом во Вевчани. Охридската и струшката болница со месеци се блокирани, кубурат со лекови и реагенси, пациентите ги користат здравствените услуги во Вевчани, единствената јавна здравствена установа каде нема недостиг на лекари специјалисти...

Наплив на пациенти во Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани. Охридската и струшката болница со месеци функционираат со блокирани сметки, кубурат со лекови и реагенси, па охриѓани и стружани ги користат здравствените услуги во Вевчани.
Најголем дел од пациентите прават специјалистички прегледи и испитувања во клиничката лабораторија.
„Тенденцијата на зголемување на бројот на пациенти посебно во специјалистичките и лабораторијата е забележлива после јануари годинава. Забележливо е дека имаме голем број на пациенти од Струга и Охрид, што претходно ги немаше. Ние имавме пациенти традиционално од Дебар“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом Вевчани.
Здравствениот дом во Вевчани доби два нови лекари специјалист и физиотерапевт и офталмолог, со што се отвораат нови одделенија.
„Отворивме кабинет по физикална терапија, имаме доктор специјалист физијатар, а овој месец планираме да отвориме и кабинет по офталмологија. Процесот за набавка на опрема е во тек, мислам дека до крајот на месецот ќе завршиме“, додава Стојкоски.
Во Вевчани нема недостиг на лекари специјалисти, следната година јавната здравствена установа ќе добие и дерматолог.
Соња Рилковска
