Продолжуваат битките околу челичарницата „Азовстал“, повеќе од 1000 борци заробени во фабриката
Новите сателитски снимки ги покажуваат последиците од руските напади на неколку локации во Украина. Руските војници се обидуваат да го запрат напредувањето на киевските сили долж украинско-руската граница во североисточниот регион Харков. Гранатирани делови на Запорожје и Полтава, уништена нафтена рафинерија во индустрискиот центар Кременчук. Украинските власти соопштија дека погодиле уште еден руски логистички брод во Црното Море при обид да достави противвоздушен систем на Змискиот остров...

Новите сателитски снимки ги покажуваат последиците од руските напади на неколку локации во Украина. Руските војници се обидуваат да го запрат напредувањето на киевските сили долж украинско-руската граница во североисточниот регион Харков. Гранатирани делови на Запорожје и Полтава, уништена нафтена рафинерија во индустрискиот центар Кременчук.
„Оружје со голема прецизност, долг дострел на море и воздух, ги уништи производствените капацитети на рафинеријата за нафта и цистерни со бензин и дизел гориво наменети за снабдување на украинските сили“, изјави Игор Конашенков, портпарол на Министерство за одбрана на Русија.
Во регионот Чернихив нападнати образовани објекти. Продолжуваат и битките и околу челичарницата „Азовстал“ во Мариупол. Повеќе од 1.000 украински борци се во фабриката.
„77 дена постојана опсада. Градот е во пламен и нашите сили се блокирани во моментов во фабриката „Азовстал“ без какви било врски со останатите делови на Украина“, изјави поручник Илја Самојленко, командант и портпарол на Азовскиот полк.
Украинските власти соопштија дека погодиле уште еден руски логистички брод во Црното Море при обид да достави противвоздушен систем на Змискиот остров. Украинскиот Претседател вели дека е подготвен е да разговара со колегата Путин, но без ултиматуми. Првиот чекор е Русите да ја напуштат земјата.
„Поразот на Русите е очигледен за сите во светот, па дури и за оние кои продолжуваат да се дружат со нив. Тие се кукавици и се обидуваат да ја скријат вистината зад проектилите, воздушни напади и артилериско гранатирање“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Првпат од почетокот на војната во Украина, припадник на руските сили е гонет за воено злосторство. 21- годишен војник се соочува со доживотна казна затвор бидејќи намерно пукал во 62-годишно лице од село на севроистокот. Се истражуваат над 10.700 потенцијални воени злосторства, во кои се вклучени повеќе од 600 осомничени.
„Се повеќе деца се изложени на ужасите на оваа војна. ОН потврдија дека биле убиени речиси 100 деца, а ние веруваме дека реалните бројки ќе бидат значително повисоки. Повеќе деца се повредени и се соочуваат со тешки прекршувања на нивните права. Милиони други се раселени, училиштата и понатаму се напаѓаат и се користат за воени цели“, изјави Омар Абди, извршен директор за програми, УНИЦЕФ.
Од Обединетите нации велат дека војната во Украина принудила 14 милиони Украинци да ги напуштат своите домови, а предизвикано е големо страдање кај децата.
Маријана Димовска
