Нов тарифник за електрична енергија, најави Битиќи
Нов тарифник за електричната енергија, најави вицепремиерот Битиќи. Најранливите ќе плаќаат најмалку. Енергетските компании ги прават пресметките. До крајот на месецов ќе се знае, дали ќе скокне или не цената на струјата. Со ребалансот ќе има поддршка, и за компаниите и за граѓаните...

Покачувањето на цените на гасот на берзите, може да влијае да се зголеми цената на струјата. Таа на пазарот во Европа е висока околу 230 евра за мегават час. Дали ќе има нова нагорна корекција во земјава ќе се знае до крајот на месецов. Владата планира да им помогне на граѓаните пред новиот „струен удар“ од нова повисока цена на електричната енергија, со нов модел на пресметка, кој ќе им помогне на најранливите категории.
Владата го намали ДДВ на струјата на 5 отсто, а на најранливите категории, на лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош, им исплатува 12 месеци финансиска помош како покривање на дел од трошоците за електрична енергија, во висина од 600 или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството. Овој бенефит го користат околу 7.500 илјади семејства.
Македонија увезува 30 отсто од потребите на електрична енергија. Последната корекција на цената на струјата беше направена од први јануари кога таа поскапе за 10 проценти а беше укината дневната евтина тарифа.
Петар Печков
