Винариите да го исплатат ланското грозје до предвидениот рок
Полека се издвојуваат оние винарии кои навреме плаќаат и поради тоа, се повеќе ја добиваат довербата кај лозарите.

Винарските визби да го почитуваат законскиот рок за плаќање на минатогодишниот род грозје и истиот да го исплатат до крајот на месецов, порача директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Румен Стаменов по синоќешната средба со лозарите и винарите во Кавадарци.
Стаменов потсети на законските санкции за нередовните плаќачи.
„Исплатата на грозјето откупено лани треба да заврши до крајот на овој месец. Ги имаме предвид интересите и на лозарите и на винарите и се грижиме и за едните и за другите, бидејќи тие се составен дел на лозаро-винарството. Лозарите не можат без винарите и обратно“, истакна директорот.
Според него, полека се издвојуваат оние винарии кои навреме плаќаат и поради тоа, се повеќе ја добиваат довербата кај лозарите.
