Вардар е прв финалист во ракометниот Куп

13.05.2022 18:39

Уште во првото полувреме се виде дека вардарци нема да имаат рутинско попладне, па дури и кога резултатски ќе побегнеа, како во 19. минута, на 9-5, Еурофарм Пелистер 2 успеваше да се врати.

Вардар ќе игра во финалето на 29. ракометен Куп на Македонија, откако во денешниот полуфинален меч го совлада вториот тим на Еурофарм Пелистер со 28-24. Уште во првото полувреме се виде дека вардарци нема да имаат рутинско попладне, па дури и кога резултатски ќе побегнеа, како во 19. минута, на 9-5, Еурофарм Пелистер 2 успеваше да се врати.

Грешките во нападот и загубените топки беа причина што немаше постојаност во играта, па Вардар го контролираше водството, кое застана на 13-11 на паузата. Второто полувреме не беше ништо полесно и во 37. минута младите пелистерци се доближија на 15-16. Сепак, повторно, искуството на Вардар, подолгата клупа и повисокиот квалитет придонесоа без кризи и падови во играта да го држи водството, па двапати да го доведе и до плус пет (24-19, 25-20).

Столбови на успехот беа Тимур Дибиров со 10 (три од пенал) и Филип Талески со девет гола сите од игра, додека кај Еурофарм Пелистер 2 најефикасни беа Павле Петровиќ и Милан Ѓукиќ со по шест погодоци. Во финалето, в недела од 19.30 часот, Вардар ќе игра за 15. пехар, против победникот од второто полуфинале, Пелистер - Бутел. Тој меч почнува вечерва од 20 часот.