Поголем број интервенции бележи Итната помош
Температурни разлики ја зголемија работата на итната медицинска помош во Куманово. Оваа здравствена установа регистрира поголем број повици кај хронично болните, но и кај лицата со алергиски реакции и убоди од инсекти. Особено е зголемен бројот на интервенции при сообраќајни незгоди. Здравствените работници апелираат младите да користат заштитна опрема и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол...

Службата за Итна медицинска помош во Куманово регистрира зголемен број интервенции. Телефонските повици најчесто доаѓаат од хронично болните, лицата со алергиски реакции, убоди од инсекти и сообраќајни незгоди. Од оваа здравствена установа велат дека на дневно ниво се евидентирани до 30 повици.
Најчесто кога одат во природата пациентите имаат проблеми со алергиски реакции, како астматични напади, меѓутоа со затоплување се зголеми и бројот на интервенции од убоди од инсекти, тоа се најчесто локална реакција но сепак заради ризици од анафилактични реакции кои се доста ургентни состојби, мора да интервенираме, вели д-р Валентина Тодоровска Трајковска во Итна помош Куманово.
Најголем дел од повиците во Итната помош се однесуваат на сообраќајни незгоди со мотоцикли, автомобили и велосипеди. Особено е зголемен бројот за викендите.
Треба да се апелира до младите посебно оние со мопеди да користат заштитна опрема, кациги бидејќи гледаме дека многу ретко ги користат, затоа што со користење ваква опрема повредите се со поблаг карактер, дополнува Тодоровска Трајковска.
Здравствените работници апелираат младите возачи да не користат алкохолни пијалаци кога управуваат моторно возило, и да бидат совесни и да не се доведуваат во ризик себеси и другите учесници во сообраќајот.
Елена Георгиевска
