Премиера на претставата „Енергични луѓе“
Вечерва љубителите на театарот во Охрид ќе имаат можност да ја проследат премиерата на претставата „Енергични луѓе“ по текст на рускиот автор Василиј Шукшин од седумдесеттите годиини. Текстот во себе содржи една иронија и цинизам, начин на гледање на реалноста малку изместено од периодот кога е напишано делото, кое најде извонредно плодна почва за актерски,режисерски и театарски дијалог, вели режисерот Александар Ивановски...

Претставата „Енергични луѓе“ на Охридскиот Народен Театар претставува современо читање на класичниот текст на рускиот автор Василиј Шукшин. Режисерот Александар Ивановски вели дека ликовите имаат трескавична енергија којашто ќе ја разнесуваат скоро два часа на сцената. Комуникацијата на актерите со публиката ќе биде голема театарска авантура што ќе придонесе претставата долго да остане на репертоарот.
„Една топла човечка сатира во традицијата на онаа руска хуманистичка драматургија од минатиот век. Навистина едни ликови коишто се полни со живот, полни со страст, полни со игра,полни со добри намери фатени во една ситуација на конфликт со општеството, на конфликт со законот“, рече Александар Ивановски, режисер на претставата.
Главниот женски лик го толкува Билјана Билаловиќ Вељаноска која изрази задоволство што е дел од претставата и прекрасната актерска екипа.
„Енергични луѓе со енергичен живот, но живеат монотоно секојдневие. Тие се добри луѓе воглавно но сиот вишок на енергија што ја имаат ја користат за создавање на лично материјално богатство до коешто се стигнува на нелегален начин“, рече Билјана Билаловиќ Вељаноска, актерка.
Ова е прва премиера на Охридскиот театар годинава, но од таму најавуваат нови изненадувања за публиката.
„Да најавам дека веднаш после оваа претстава продолжуваме со реализација на вториот проект со наслов „Секс и љубомора“ во режија на Коле Ангеловски со којшто ќе гостуваме со премиера на Фестивалот Охридско лето“, рече Горан Симоноски-директор на ЈУ Центар за култура „Григор Прличев.“
За сценографијата и графичкиот дизајн на претставата се погрижи, Филип Коруноски, а костимографот Невенка Тасева Петровиќ верува дека сите заедно успеале да се вратат во седумдесеттите години од минатиот век.
Сашо Нелоски
