Ковачевски и Мицкоски со спротивставени ставови за последните настани во Законодавниот дом
Тоа е сериозна институција, мораме да работиме за граѓаните, коментар на премиерот Ковачевски за последните настани во Законодавниот дом. Од понеделник најавуваме нови потези на бојкот на опозицијата, најавува нејзиниот лидер Мицкоски. Обајцата ги коментираа постапките на спикерот Џафери, се разбира секој од свој агол..

Собранието функционира и покрај бојкотот на дел од опозицијата. Дневниот ред на пленарната седница е усвоен, почна и расправата за избор на уставни судии, оценка на премиерот Ковачевски за блокадата на опозицијата. Тој смета дека е несериозно да се бојкотира работата во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика пратениците да бидат одговорни.
„Секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине“, потенцираше Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски одново изјави дека опозицијата ќе ги блокира сите закони штетни по интересите на граѓаните. Мицкоски вели блокадата не е инстант акција, најавува и други чекори на партијата во следниов период.
„В понеделник ќе имаме седница на Извршниот комитет, ќе отвориме и дискусија и за вториот и за третиот чекор, ова е стратегија којашто многу ќе трае. Ова нема да биде инстант акција којашто ќе заврши денес или утре. Ова е стратегија којашто ќе трае, јас не очекувам дека туку така ќе ја напуштат луѓето фотелјата којашто ја држат“, вели Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски вели на 22-ри мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија. Нема усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор, изјави Ковачевски. Лидерот на опозицијата Мицкоски смета дека до решение со Бугарија не може да дојде доколку нашиот источен сосед не се откаже од политичката агресија спрема нашата земја.
Мицкоски вели се срами што го познава Талат Џафери и вели – не можам да го разберам што е тоа толку што го држи Ковачевски да го трпи овој срам и ова понижување и тој лично, но и граѓаните. Премиерот Ковачевски повторно со став дека правните институции треба да го истражат случајот.
Игор Панов
