Интелектуалци со писмо до Вселенскиот Патријарх
По речиси три века, на повидок одново е Томос за автокефалноста на Охридската Архиепископија. Со векови македонскиот народ и воопшто сите што живееле во земјава се бореле за признавање на легитимитетот на Македонската Православна црква. Во очекување на автокефалноста, македонски професори, генерали, академици, писатели упатија благодарствено писмо до неговата Светост Вартоломеј...

Македонски интелектуалци упатија отворено благодарствено писмо до Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Во содржината го издвојуваат прифаќањето во канонско единство на Охридската Архиепископија.
„Ви благодариме особено и заради тоа што на нашата Црква ѝ го признавате легитимитетот како на духовна и преемствена наследница на древната и историска Охридска Архиепископија. За неа слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа. За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци“.
Се вели во дел од текстот. Натаму објаснуваат дека ваквата одлука ја гледаат како поплочување на патот до зацврстување на добрите односи и знаците на заемно братољубие меѓу црковните достоинственици, свештенството и верниците од сите помесни цркви, како резултат на отстранувањето на расколот. Во писмото со денешен датум, се вели дека се очекуваат следните клучни чекори.
„Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност“.
Вкупно 28 универзитетски професори и други интелектуалци од земјава ставија потпис на писанието до Вселенскиот Патријарх.
Катерина Топалова
