Прилеп

За првпат магнетна резонанца во Прилеп, потребни се вработувања

14.05.2022 17:29

Прилепската болница за првпат доби магнетна резонанца и опремен цел оддел. Се подобруваат здравствените услуги, но потребно е и надоместување на медицинскиот персонал и во болницата и во земјава. За недостигот останува основната причина – одливот во странство. Од Министерството за здравство не прецизираат за бројот на нов медицински персонал...

Во прилепската болница и во здравствениот систем треба да се надомести медицинскиот персонал што недостасува, но како и во колкав број, од Министерството за здравство не прецизираат. Болница е со околу 500 медицински сестри, 30-тина лекари се на специјализација, но признаваат дека има потреба од кадар и имаат барање до Министерството. Потребите од медицински сестри во земјава се задоволени само 50 насто, а недостасуваат и лекарите. Останува основната причина – одлив на медицинскиот персонал во странство.

Прилепската болница уверува дека ќе инвестира во стручен кадар и опремување. Од денеска официјално во функција е новиот апарат за магнетна резонанца и цел оддел што ќе ги зголеми здравствените услуги за 120 000 жители од Регионот.

Од Владата сметаат дека пандемијата покажа колку се битни инвестициите во јавното здравство. И во кадар и во опрема.

Елизабета Митреска